Али Бонго Ондимба беше соборен од војската на 30 август, додавајќи го Габон на листата на африкански земји кои неодамна доживеаја пуч.

Воената хунта во Габон денеска соопшти дека го ослободила сменетиот претседател Али Бонго Ондимба и дека тој сега може да лета во странство на медицински прегледи, пренесува Танјуг.

Ондимба (64) е „слободен да се движи со оглед на неговата здравствена состојба“, рече портпаролот на преодниот комитет, полковник Улрих Манфумби.

„Може, ако сака, да замине во странство на медицински прегледи“, објави АП.

Се уште не е познато во каква здравствена состојба е соборениот претседател на Габон, централноафриканска земја богата со нафта.

Бонго доживеа мозочен удар на крајот на 2018 година, поради што со месеци не можеше да ја извршува претседателската должност.

Локалната телевизија Габон24 објави доцна синоќа за средба меѓу Ондимба и Абду Бери, шеф на Канцеларијата на ОН за Централна Африка, по што Бери рече дека претседателот е во „добро здравје“.

Долго семејно владеење

Ондимба беше соборен од војската на 30 август, додавајќи го Габон на листата на африкански земји кои неодамна доживеаја пуч.

Воениот удар во Габон дојде набргу откако Ондимба беше прогласен за победник на спорните избори, кои ќе го продолжија 55-годишното владеење на неговото семејство.

Тој го наследи својот татко на власт во 2009 година.

Во меѓувреме, новоизбраниот воен лидер на Габон, генерал Брис Клотер Олигуи Нгуема се сретна со регионалните и локалните власти и вети подобра инфраструктура и мирно предавање на власта на граѓаните на оваа централноафриканска земја.