Златев ексклузивно: Бугарските тајни служби подготвуваат хибридна операција „Пендиков 2“

Новинарот Љупчо Златев тврди дека бугарските тајни служби подготвуваат нова хибридна операција, која ја нарекува „Пендиков 2“, со цел Македонија повторно да биде претставена како држава во која се врши насилство и прогон врз лица што се изјаснуваат како Бугари.

Случајот „Пендиков“ како претходен обид

Златев се осврна на случајот со Христијан Пендиков од Охрид, кој, според него, од физички конфликт бил претставен како жртва на насилство поради неговото бугарско етничко самоопределување.

Тој потсети дека по инцидентот бугарскиот претседател Румен Радев испратил авион со кој Пендиков бил пренесен од Македонија во Бугарија, по што почнал да гостува во тамошните телевизиски емисии.

Според Златев, станувало збор за обид Македонија да биде прикажана како држава во која постои насилство врз Бугарите. Тој изнесе и сериозни обвинувања за Пендиков, повикувајќи надлежните да проверат со што се занимава денеска на улиците во Софија.

Златев оцени дека македонската јавност не поверувала во верзијата дека нападот се случил поради етничка омраза, бидејќи, како што рече, во Македонија генерално не постои етничка омраза кон кој било. Тој додаде дека на социјалните мрежи може да се забележи говор на омраза, но дека таквите појави завршуваат во интернет-просторот.

Тврдења за фалсификувана медицинска документација

Според Златев, бугарските служби сега подготвуваат нов, целосно монтиран случај, преку кој Македонија треба да биде претставена како „затвор“ за лица од земјава кои се изјаснуваат како Бугари.

Тој тврди дека се создава слика оти на овие лица не им е дозволено да ја напуштат Македонија и да заминат на лекување во странство, нешто што го оцени како ирационално и неточно.

Златев дополнително наведе дека во рамките на операцијата наводно се фалсификува медицинска документација и различно се толкуваат кривично-правни настани во кои имало смртни последици.

Новинарот не откри конкретни имиња, нагласувајќи дека како професионален новинар нема јавно да објави идентитети додека случајот не биде целосно потврден.

„Контактите на бугарското разузнавање се евидентирани“

Златев изјави дека официјална Софија веќе почнала да активира механизми поврзани со операцијата, но дека овојпат случајот бил значително подобро детектиран отколку во времето на Христијан Пендиков.

Според неговите тврдења, евидентирани биле сите контакти на бугарското разузнавање со лица од Македонија.

Тој посочи дека во случајот се вклучени и лица кои во Македонија се осудени на затворски казни, меѓу кои и лице осудено на доживотен затвор за, како што рече, еден од најмонструозните случаи од минатото.

„Операцијата на бугарските тајни служби ‘Пендиков 2’ нема да помине“, порача Златев.

Целата емисија може да ја погледнете во продолжение: