Украинскиот претседател Володимир Зеленски пристигна во Белата куќа, каде што беше пречекан од американскиот претседател Доналд Трамп. На средбата, Трамп изјави дека нема потреба од прекин на огнот во Украина за време на мировните преговори, додека Зеленски кажа дека е отворен за одржување избори во земјата.

Трамп истакна дека Украина нема да стане членка на НАТО, но ќе добие безбедносни гаранции. Тој нагласи дека секое решение мора да биде трајно и стабилно. „Верувам дека Владимир Путин сака овој конфликт да заврши“, рече американскиот претседател, додавајќи дека неговата средба со Путин во Алјаска била успешна и дека постои реална шанса за резултати.

На средбата, украинската делегација донела некаква мапа во Белата куќа, иако не беа откриени дополнителни детали за нејзината содржина. Зеленски, пак, избегна директен одговор на прашањето дали е подготвен за територијални отстапки кон Русија.

Трамп му се обрати на Зеленски и со шега, коментирајќи дека му се допаѓа неговото сако и додавајќи дека и самиот ќе се обиде да ги откаже изборите „за три години, како што прави тој“.

Претходно, Трамп не излезе да ги пречека европските лидери – Емануел Макрон, Киер Стармер, Џорџа Мелони, Урсула фон дер Лајен и генералниот секретар на НАТО Марк Руте – кои исто така допатуваа во Белата куќа.

Оваа војна мора да заврши. Ги сакам Украинците, ги сакам и Русите, ги сакам сите луѓе, изјави Трамп

Зеленски му се заблагодари на Трамп за мировните напори и на првата дама на САД за писмото посветено на украинските деца. Тој призна дека Киев има проблем со набавката на американско оружје, но ја пофали Европа која ја покрива неговата набавка преку плаќање.

Американскиот претседател, пак, најави дека до крајот на денот ќе соопшти одлука во врска со можноста за дислокација на американски трупи во Украина.

Трамп изјави дека после оваа средба треба да има средба со Зеленски и Путин, а доколку нема, војната ќе продолжи.