Франција е целосно подготвена да помогне во олеснувањето на дијалогот меѓу Скопје и Софија, преку рамка и модалитети за кои заеднички ќе се усогласат двете страни. Оваа порака ја упати францускиот амбасадор во земјава, Кристоф Ле Риголер, нагласувајќи ја потребата од излез од актуелниот дипломатски застој.

Амбасадорот посочи дека клучниот чекор лежи во враќањето на меѓусебната доверба меѓу двете соседни држави, што според него претставува темелен предуслов за идниот напредок на европските интеграции.

„Целта е да се обнови дијалогот на доверба меѓу Скопје и Софија. Тоа е многу важно. Мислам дека двете страни треба да се посветат на тоа. Тоа е важно за нас како Европејци. Имаме потреба од обновување на довербата меѓу двата града, бидејќи тоа е клучен елемент за иднинта на евроинтеграциите на С.Македонија“, вели Ле Риголер.

Во гостувањето во емисијата „Европат“ на ТВ 24, Ле Риголер се осврна и на разните шпекулации во јавноста, напоменувајќи дека во моментов циркулираат многу неосновани идеи и илузии за некакви тајни разговори што се одвиваат зад сцената. Тој изјави дека сè уште не може да прејудицира дали Европската комисија директно ќе се вклучи во преговорите, но потенцираше дека Париз, заедно со повеќе земји членки на Унијата, е цврсто посветен на надминување на блокадата и ставање на конструктивните решенија на преговарачката маса.

Осврнувајќи се на актуелниот трагичен случај со Ива Михаилова, амбасадорот подвлече дека институциите не смеат да отстапат од правните стандарди и дека мора целосно да се задоволи правдата за жртвата и нејзиното семејство.