Кандидатот за градоначалник на Општина Кисела Вода од ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски вели дека конечно дојде време во општина Кисела Вода да се надополнат изгубените четири години за нашите сограѓани.
-Изминативе години нашите сограѓани заборавија што значи да се има ефикасна општина, општина која ќе реализира проекти, општина која ќе се развива според план, а не според бизнис интересите на поединци. Не би говорел повеќе за неуспесите на актуелното раководство на општината, бидејќи тие се веќе завршена приказна, мене поважно ми е, но и на сите мои сограѓани со кои се среќавам што и како после изборите во октомври? Изминативе неколку денови посетив неколку населби и населени места во нашата Кисела Вода и се сретнав со стотици граѓани со кои разменивме нивни проблеми но и понудивме наши предлог решенија.Оттука пред да ја финализираме програмата би сакал да напоменам неколку клучни работи за нашата Кисела Вода, вели тој.
Ѓорѓиевски посочува дека ќе понудат и реализираат рамномерен развој на општината во секое населено место.
-Канализационите и водоводни системи во населбите каде што ги нема ќе бидат највисок приоритет на мојата листа на проекти, бидејќи се основни услови за живот за моите сограѓани. Дотрајаните ископани и фушерајски направени улици ќе ги уредиме и реализираме според стандарди, наместо да гледаме асфалтирани улици каде што има двојно помалку асфалт од стандардот. Ќе понудиме и надополниме нови капацитети за сместување во градинките, односно ќе створиме нови, со што ќе решиме долгогодишен проблем на граѓаните кои имаат дечиња за во претшколска возраст. Ќе понудам и реализирам спортски катчиња и игралишта кои ќе бидат од особено значење за секоја наша населба, бидејќи сега и актуелните се дотрајани и не се одржуваат за жал. На неколку локации ќе понудиме неколку крупни проекти за Јавно приватно партнерство кои ќе треба нашата општина да ја вбројат во една од најмодерните и најурбаните општини во градот Скопје. За крај почитувани, иако листата е долга, морам да потенцирам дека како до сега, така и во иднина, јас секогаш ќе бидам на страната на граѓаните и нема да дозволам неконтролирана бетонизација на населбите и на нашата општина, односно градење без план и силување на нашите населби, како што се случува во моментов. Ова е само дел од областите на кои што ќе се фокусирам, но е премногу малку набројано од она што ќе биде во програмата и која што ќе ја реализирам во наредните 4 години. Затоа очекувајте ме во секоја населба, секое маало и ќе видите што се имам да понудам заеднички да реализираме како проекти во идните 4 години, нагласува кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ за Кисела Вода.