Масовните протести на младите во Германија поради високите трошоци за живот, мерките за штедење и воениот рок, во текот на саботната ноќ прераснаа во насилни немири. Најтешка била ситуацијата во Франкфурт, каде што биле ограбувани продавници, а инциденти имало и во Берлин, Келн и Хамбург.

Германската полиција била принудена да употреби водени топови за да ги растера групите демонстранти кои ги гаѓале припадниците на полицијата и итните служби со пиротехнички средства, камења и стаклени шишиња, пренесува Би-Би-Си.

Голем дел од главната трговска улица во Франкфурт, финансискиот центар на земјата, бил целосно блокиран. Полицијата потврдила повеќе апсења откако биле искршени излозите на бројни продавници, а врз службени возила биле фрлани молотови коктели.

Особена загриженост предизвикал инцидентот во кој бил искршен излогот на продавница за оружје. Полицијата соопштила дека по апсењето на осомничениот успеала да заплени две парчиња огнено оружје.

На немирите им претходеле масовни протести, кои во текот на денот главно биле мирни, а ги организирала активистичката група „Gen Z regelt“ (Генерацијата З презема работи во свои раце).

Десетици илјади луѓе излегоа на улиците за да го изразат незадоволството поради недоволните инвестиции во образовниот систем, зголемувањето на трошоците за живот, владините мерки за штедење и воведувањето воена служба.

Додека локалните власти во Франкфурт, Минхен и Берлин процениле дека на протестите присуствувале околу 18.000 луѓе, организаторите тврдат дека бројот на собраните бил двојно поголем.

Портпаролката на движењето, Лина Фридрих, пред ескалацијата нагласила дека демонстрациите биле замислени како „борба за мир и слобода, а не за војна и принуда“.

„Она што ни е најважно е подобра поддршка за здравствениот и образовниот систем. Одлучно сме против задолжителната воена служба и се залагаме за поправедна распределба на општествениот товар“, изјавила Фридрих.

Бранот незадоволство во Германија следуваше непосредно по масовните демонстрации на младите во Франција, каде што во саботата протестираа повеќе од 320.000 граѓани.

Министерот за внатрешни работи на германската сојузна покраина Хесен, Роман Позек, изјави дека во протестите во Франкфурт се инфилтрирале „околу 100 јасно идентификувани левичарски екстремисти“, оценувајќи го конечниот исход на протестите како срамен.

„Сите ги имаме пред очи сликите од Франција – грабежите, палењето згради и полициски возила, како и нападите врз полицајците. Франција во никој случај не смее да се смета за пример во тој поглед“, порача Позек.