Португалија со години се соочува со голем раст на цените на недвижностите и кириите, а особено погодени се младите. Цените на недвижностите се повеќе од двојно повисоки во споредба со 2017 година, додека кириите за новите договори во истиот период речиси се удвоиле, пишува „Ројтерс“.

Според проценките на организаторите, на плоштадот Росио во Лисабон се собрале неколку илјади луѓе. Полицијата не објави сопствена проценка за бројот на учесници. Протестот е продолжение на повеќекратните собири поради високите цени на домувањето, зголемените животни трошоци и незадоволството од владините политики.

Протестите се интензивираа во изминатите недели. Полицијата минатиот викенд ги растера демонстрантите кои кампуваа на истиот плоштад, користејќи палки, а приведе 25 лица. Постапувањето на полицијата предизвика критики од организаторите и учесниците на протестот.

Рита Силва, портпаролка на движењето за достапно домување „Casa para Viver“, за португалската јавна телевизија РТП изјави дека граѓаните покажуваат голема решителност и покрај повеќедневните протести и полициските интервенции.

„Луѓето покажуваат исклучителна истрајност, сила и решителност“, рече Силва, осврнувајќи се на протестите поради станбената криза, растечките животни трошоци и „огромните тешкотии да се заработи за живот“.

„Не забележуваме подготвеност од страна на владата да нè сослуша и затоа протестите ќе продолжат“, порача портпаролката на движењето.

Министерот за внатрешни работи Луис Невеш изјави дека владата го почитува правото на граѓаните на протест. Сепак, нагласи дека очекува собирите да се одвиваат „уредно и цивилизирано“ и „во согласност со законот“.

Демонстрантите бараат повлекување на предлог-законот со кој би се олеснило иселувањето на станарите и би се укинале постојните ограничувања за зголемување на кириите при склучување нови договори. Тие сметаат дека ваквите измени дополнително ќе го отежнат наоѓањето стан со прифатлива цена.

Според предлогот, сопствениците на станови би можеле да покренат постапка за иселување на станарите по два месеца неплатена кирија, наместо по досегашните три. Предвидено е и укинување на ограничувањето за зголемување на киријата од два отсто меѓу последователни договори.

Законот го помина првото читање во португалскиот парламент, при што крајнодесничарската партија „Чега“ беше воздржана. Владејачките партии го поддржаа предлогот, додека левицата се спротивстави. Предлогот сега треба да помине низ натамошна парламентарна расправа и конечно гласање.

Португалскиот премиер Луис Монтенегро во четвртокот ја отфрли можноста за повлекување на предлог-законот, и покрај барањата на демонстрантите. Сепак, порача дека е отворен за измени на неговата содржина пред конечното гласање, кое се очекува во текот на следните недели.

Владата смета дека измените се неопходни за поттикнување на пазарот за изнајмување станови, додека демонстрантите предупредуваат дека послабата заштита на станарите може да доведе до нови поскапувања и дополнителни иселувања.

Лидерот на опозициската Социјалистичка партија, Жозе Луис Карнеиро, денеска ја повика владата да започне преговори со опозициските партии и претставниците на демонстрантите. Според него, станбената криза не може да се реши без разговори со сите засегнати страни.

Карнеиро порача дека владата треба да преговара, наместо „арогантно да ги наметнува своите ставови, понекогаш дури и со авторитарен призвук“.

Покрај повлекувањето на законот, демонстрантите побараа и изградба на повеќе јавни станови, ограничување на кириите и мерки против иселувањето на луѓето на кои не им е обезбедено алтернативно сместување.