Четири лица беа приведени во Варшава за време на сериозните инциденти што се случија пред седиштето на Уставниот суд. Полициските кордони продолжија да го обезбедуваат целиот простор околу судската институција со цел да се спречат дополнителни немири.
Според информациите на полските медиуми, три лица биле уапсени откако ја прескокнале заштитната ограда и упаднале во кругот на Уставниот суд. Четвртото лице било лишено од слобода на самото место поради отворено навредување на полициски службеник при извршување на должноста.
Инцидентот се случи откако пред зградата се собраа политичари и граѓани, алармирајќи за обид за насилно преземање на судската власт. Ова предизвика масовна интервенција на безбедносните сили, кои формираа безбедносен кордон околу институцијата.
Тензиите дополнително ескалираа по информацијата дека претседателот на полскиот Уставен суд, Богдан Швиенчковски, е суспендиран, а истата мерка му беше изречена и на потпретседателот Бартломеј Сохањски. Поради новонастанатата криза, полскиот претседател Карол Навроцки го прекина службеното патување во Сенегал и се врати во Варшава.
Во своето официјално соопштение полициската управа истакна дека полицајците целосно го почитувале правото на граѓаните мирно да протестираат и дека при акцијата не биле употребени палки или рачни фрлачи на солзавец.
