Познатиот моден бренд „Келвин Клајн“ започна нова глобална рекламна кампања. Заштитно лице на најновата промотивна линија на брендот е фудбалскиот репрезентативец на Англија, Џуд Белингам.

Фудбалерот на шпанскиот клуб Реал Мадрид се појавува во промоцијата на колекцијата долна облека насловена како „Icon Cotton Stretch“. Објавените фотографии и промотивното видео предизвикаа бројни реакции кај публиката на социјалните мрежи, ставајќи го во фокус неговиот атлетски изглед.

Англискиот спортист со оваа соработка им се приклучи на јавните личности како Мајкл Б. Џордан, Џастин Бибер, Џереми Ален Вајт и Бед Бани, кои во минатото ги предводеа рекламните проекти на компанијата.

„Икона под облеката. Џуд Белингам, икона меѓу нашите икони. Чиста удобност. Постојана поддршка. Безвременски стил“, порачаа од брендот преку социјалните мрежи.

Англискиот играч истакна дека процесот на снимање бил мошне позитивно искуство и дека целосно ја поддржува пораката за лична самодоверба што ја испраќа оваа модна колекција.

„Навистина уживав работејќи на оваа кампања. Ми се допадна идејата за ‘иконата под облеката’ – идејата дека самодовербата произлегува од чувството на удобност во сопствената кожа. Келвин Клајн е култен бренд, па беше одлично да ја претставам таа замисла на свој начин“, изјави Белингам за списанието „Космополитен“.

Промоцијата на новата линија претходно беше најавена преку големи билборди поставени низ Њујорк и кратки објави на интернет платформите, каде фановите брзо го препознаа фудбалерот пред неговото официјално претставување.