Парис Џексон побара од судот во Лос Анџелес да им наложи на овластените управители на имотот на нејзиниот починат татко Мајкл Џексон префрлање на 600 милиони долари во заедничкиот семеен фонд. Таа наведува дека средствата се наменети за неа и за нејзините двајца браќа, но истакнува дека фондот сè уште не располага со тие пари и покрај долгогодишните високи приходи од оставнината.
Дваесет и осумгодишната наследничка поднесе официјално судско барање на 29 октомври со кое бара дел од парите од оставнината да легнат на сметката на „Мајкл Џексон семејниот фонд“. Фондот е формиран за трите деца – Парис, Принс кој има 29 години и 24-годишниот Биги, а според правните застапници, предвидените исплати не се реализирани повеќе од 17 години по смртта на популарниот музичар.
Според волјата на пејачот, децата требало да започнат со користење на приходите откако ќе наполнат 21 година, додека трансферот на главнината бил предвиден етапно на возраст од 30, 35 и 40 години. Парис смета дека планот не се спроведува според замислата на нејзиниот татко, оставајќи ги наследниците во зависност од одлуките што ги носи управителот на имотот, Џон Бранка.
Адвокатскиот тим на Џексон наведува дека во оставнината има доволно средства за исплата, повикувајќи се на профитабилните зделки во изминатите години. Како примери ги посочуваат продажбата на делот од издавачката куќа „ЕМИ мјузик паблишинг“ вреден 287,5 милиони долари во 2018 година, ранчот Неверленд продаден за 22 милиони долари во 2020 година, како и комерцијалниот договор со „Сони“ склучен во 2023 година.
Официјалните финансиски извештаи од крајот на 2024 година покажуваат дека имотот имал околу 850 милиони долари во готовински средства и хартии од вредност. Парис смета дека по намирувањето на сите тековни трошоци и обврски, сумата од 600 милиони долари може непречено да биде префрлена во семејниот фонд.
Претставниците на имотот ги негираат овие тврдења и велат дека исплатите зависат од неколку правни процедури, пред сè од финансискиот спор со даночната служба на САД која побарувала 700 милиони долари за неплатени даноци и казни. Раководството на имотот додава и дека повеќе од 200 милиони долари веќе биле наменети и исплатени за потребите на децата на пејачот.
Џексон возвраќа дека управителот Џон Бранка имал простор и законска должност порано да одобри барем делумни исплати кон наследниците. Таа бара судска одлука за префрлање на 600 милиони долари или сума утврдена од судијата, како и покривање на сите судски и адвокатски трошоци.
Рочиштето за ова барање е закажано за 4 декември пред надлежниот суд. Мајкл Џексон почина на 25 јуни 2009 година на возраст од 50 години, а неговото наследство оттогаш поминува низ низа правни превирања.
