Општинскиот буџет повторно се користи за издвојување пари за мерка која ниту е реализирана, ниту се реализира, а средствата ги нема никаде, изјави Стефанија Бојаџиева Марковска, член на Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ Центар.

Таа појасни дека станува збор за проектот насловен како „Пензионерите за децата“, со кој требаше да се обезбедат бесплатни дополнителни часови за учениците од седмо, осмо и деветто одделение во основните училишта.

Со оваа иницијатива беше предвидено ангажирање на пензионирани професори и стручни лица за наставните предмети математика, физика, информатика и странски јазици.

За проектот биле предвидени точно 700.000 денари, при што официјалниот период за негова реализација бил наведен од септември 2026 година до јуни 2027 година.

„Но, еве, веќе на крајот на месец ноември, и само на 40-тина дена пред крајот на 2026 година, ниту има пријавени професори, ниту има одбрани професори, ниту се има разговарано за оваа точка на советот на општината Центар, ниту пак овие 700 илјади денари се пренаменети за друга мерка“, нагласи Бојаџиева Марковска.

„Едноставно, дали овие 700 илјади денари исчезнале од општината, или пак завршиле во нечив џеб? Каде е повикот за пријавување на професорите кој требало да биде завршен во март 2026 година? Дали учениците во училиштата добиваат дополнителни часови како што им вети Герасимовски? Очекуваме одговори, а не демагогии и флоскули“, порача Бојаџиева Марковска.