Министерството за здравство ќе преземе активности за што поскоро обезбедување мамограф за поликлиниката „Букурешт“ во скопската општина Карпош. Апаратот повеќе од една година не е во функција, а потребната инвестиција ги надминува финансиските можности на Здравствениот дом – Скопје.

Одговарајќи на новинарско прашање за недостапноста на мамографските прегледи во поликлиниката во период кога се упатуваат апели до жените за редовни превентивни прегледи, министерот за здравство Сашо Клековски изрази незадоволство од добиените информации.

„Образложението е прилично тенко. Набавката што е потребна за мамографот ги надминува можностите на Здравствениот дом – Скопје, односно ја надминува вредноста на самиот апарат. Ќе направам напор што поскоро да го ставиме во планот за набавки“, изјави Клековски.

Тој посочи дека досега се набавени десет нови мамографски апарати, при што фокусот и приоритетот биле ставени на здравствените установи надвор од Скопје, со оглед на тоа што во главниот град дијагностичките можности се нешто поголеми.

Сепак, случајот со поликлиниката „Букурешт“ покажува дека проблеми во достапноста на дијагностичките услуги постојат и на подрачјето на главниот град.

„Недозволиво е поликлиника која опслужува 70.000 граѓани да биде без мамограф. Без разлика дали преку набавката со Европската Унија, која треба да се реализира и да биде објавена овој месец, или преку посебна набавка, ќе одиме кон решавање на овој проблем“, нагласи Клековски.