„Есенски музички свечености“ 2026 свечено ќе се затвори со солистички концерт на Хатиџе Салиева, кој ќе се одржи вечерва со почеток во 18 часот во Салон 19’19 во Културно-информативниот центар.

Од Дирекцијата за култура и уметност информираат дека на официјалната програма се наоѓаат „Четири годишни времиња“ на композиторот Антонио Вивалди, како и препознатливата филмска музика од ремек-делото „Шиндлеровата листа“ на Џон Вилијамс.

Концертот ќе биде изведен со пијано-придружба на Ива Виденовик, под менторство на Аспарух Коневски.

Хатиџе Салиева е талентирана ученичка во Државниот музичко-балетски училиштен центар „Илија Николовски – Луј“ во Скопје. И покрај младата возраст, таа веќе има остварено значајни резултати на бројни музички натпревари. Во текот на 2026 година, младата виолинистка освои прва награда на Државниот натпревар по виолина, како и специјална награда на Меѓународниот натпревар по виолина организиран во Кавадарци.

Целиот настан е организиран во директна соработка со Турскиот културен центар „Јунус Емре“ во Скопје.