Италијанскиот третолигаш Равена официјално соопшти дека легендарниот бразилски фудбалер Роналдињо ќе го облече клупскиот дрес на 15 ноември. Токму на тој датум славниот ас по подолга пауза повторно ќе истрча на фудбалскиот терен.
Од таборот на клубот истакнаа дека неговото враќање ќе претставува глобален настан од огромно значење за целиот фудбалски свет.
„Роналдињо ќе дебитира за нашиот клуб во дербито против Форли. Тоа ќе биде натпревар кој ќе го привлече вниманието на целиот свет“, соопштија од Равена.
Тимот на Равена во моментов бележи одлични резултати и се наоѓа на второто место на табелата во групата Б од италијанската трета лига. На крајот на август оваа година, легендарниот 46-годишен Роналдињо стави потпис на официјален договор со Равена, а својот последен официјален натпревар претходно го одигра во септември 2015 година настапувајќи за бразилскиот клуб Флуминенсе.
Во текот на својата богата професионална кариера, Роналдињо настапуваше за Гремио, Пари Сен Жермен, Барселона, Милан, Фламенго, Атлетико Минеиро и Флуминенсе. Во 2002 година ја освои титулата светски првак со репрезентацијата на Бразил, за која вкупно забележа 97 официјални настапи и постигна 33 погодоци.
