Битола продолжува со реализација на низа капитални и инфраструктурни проекти, а според градоначалникот Тони Коњановски, во првата година од актуелниот мандат се реализирани и започнати проекти кои носат конкретни и видливи промени во градот и руралните средини.
Коњановски на денешната прес-конференција истакна дека Битола има најголем број одобрени проекти од двата владини повици финансирани преку унгарскиот кредит, односно вкупно 81 проект.
„Битола се гради како никогаш досега, се обновува и развива“, порача Коњановски, посочувајќи дека во изминатиот период се обновени и изградени над 10 километри патна инфраструктура во урбаниот и руралниот дел на општината.
Инвестиции се реализираат и во водоводната и канализациската мрежа, во должина од над три километри, додека во делот на спортската инфраструктура се реконструираат и градат 24 спортски и училишни терени, како и четири типски спортски сали.
Во исто време, според Коњановски, досега се обезбедени 220 нови паркинг-места, дел на простори кои претходно биле узурпирани, а дел како составен дел од новоизградените улици.
Посебен акцент е ставен и на инвестициите во детската заштита. Со адаптацијата и отворањето на градинката „Пчеличка“ обезбеден е простор за згрижување на 76 деца, додека градинката во Нова Битола, која треба да започне со работа до крајот на годината, ќе има капацитет за 153 деца. Паралелно се работи и на градинката во комплексот АРМ, со која се очекува дополнително да се намали листата на чекање за 246 деца. Во образованието, Општина Битола работи на изградба на ново училиште во населбата Буковски Ливади. Проектот е проценет на над 31 милион денари, а училиштето ќе биде целосно опремено за реализација на воспитно-образовниот процес. Во спортот продолжува и реконструкцијата на Центарот за спорт и рекреативни активности, поранешната боксерска сала. Проектот, поддржан од Владата, е вреден над 40 милиони денари, а по завршувањето Битола треба да добие спортска сала со површина од над 1.000 квадратни метри, изјави Коњановски.
Коњановски најави и целосна реконструкција на Ќумурното игралиште во соработка со Фудбалската федерација на Македонија, како и изградба на нов спортски терен меѓу игралиштето и спортската сала „Боро Чурлевски“.
Во делот на велосипедската инфраструктура, по повеќе од пет километри велопатишта изградени во претходниот мандат, Општина Битола подготвува проекти за дополнителни 2,7 километри велопатеки.
Значајна инвестиција е предвидена и за поранешното кино „Партизан“. За изградба на нов мултинаменски објект се обезбедени 96 милиони денари, а просторот ќе може да се користи за кино и театар, но и за изложби и други мултимедијални настани.
Коњановски посочи дека културниот живот во Битола бележи раст, при што во изминатите 10 месеци на општинските манифестации присуствувале над 100.000 посетители. За културната програма, Општината во 2026 година обезбедува околу 45 милиони денари.
Во социјалната заштита, пак, за 2026 година се предвидени вкупно 14,6 милиони денари. Од нив, 1,5 милиони денари се наменети за поддршка на лицата со ретки болести за патни и други трошоци, а дополнителни средства се обезбедени за рехабилитација и стручна поддршка за лицата со попреченост и децата со попреченост. Предвидени се и 500.000 денари за адаптација на домовите на лица со попреченост. Како еден од капиталните проекти е издвоена и новата противпожарна зграда во поранешната касарна. За објектот досега се инвестирани над 52 милиони денари, на парцела од 3.300 квадратни метри, со корисна површина од 1.600 квадратни метри. Втората фаза ќе се реализира преку грант од Министерството за одбрана на САД, во вредност од околу еден милион американски долари, со кој објектот треба да биде целосно адаптиран и енергетски ефикасен, изјави тој.
Коњановски истакна и дека со поддршка на Владата продолжува изградбата на булеварскиот влез во Битола, оценувајќи дека градот одамна има потреба од ваква инфраструктура.
Според него, развојот на Битола не треба да се сведува на дневна политика, туку на долгорочна стратегија, проектна документација и работа на терен.
„Решението е во конкретни проекти и многу работа“, порача Коњановски, додавајќи дека пред Битола остануваат уште бројни предизвици поврзани со инфраструктурата, урбанистичкото планирање и повеќегодишното недоволно инвестирање.
Градоначалникот посочи дека Општина Битола продолжува со реализација на проектите со цел создавање поуреден и поквалитетен град за живеење, во период кога градот се подготвува и за одржувањето на фестивалот „Браќа Манаки“ и одбележувањето на 35-годишнината од независноста на Македонија.
