Ја известуваме македонската јавност дека од страна на министерот Оливер Спасовски, директорот на БЈБ и помошникот директор во одделот за криминалистичка полиција, Оливер Лукароски се врши класична злоупотреба на специјалната единица на МВР Тигар во партиски цели. Специјалната единица Тигар е наменета за борба противтерористички активности, а не за спроведување и штитење на партиските активности на Заев и Спасовски, истакна Драган Ковачки, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
-Деновиве гледаме енормно и несразмерно присуство на полицијата и на нејзините специјални единици во градовите каде имаме втор круг на избори.Под плаштот на наводни акции за апсење на дилери на дрога или опасни лица, Спасовски прави класична злоупотреба на специјалните единици и шири страв кај народот. Го повикуваме Оливер Спасовски на крајот од мандатот, да биде министер во служба на граѓаните, а не во служба на партијата и да престане да врши злоупотреба на службената позиција и да дефокусира, односно да попречува на со закон дозволени демократски изборни активности. Ги повикуваме и неговите подредени началници и команданти да останат достојни на функциите кои им се доделени, затоа што секоја злоупотреба ќе биде процесуирана веднаш после промената на власта. Немојте да си играте и да одите по паметот на давениците Заев и Спасовски. Знаеме дека дел од вас се уценети со вашите позиции, но и со прикривање на дејанија од страна на Спасовски за кои сте лично одговорни, порача тој.
Ковачки посочи дека одговорност за злоупотребите ќе има.
-Искажуваме благодарност и ги повикуваме чесните полициски службеници да постапуваат во согласност со законските овластувања. Знаеме дека морате да спроведувате наредби со вашите претпоставени, но верувајте дека одговорност за тие раководни структури што прават злоупотреби ќе има веднаш после промената на власта. Не се плашете и работете по закон! Го повикуваме народот на Македонија, да не се плаши и масовно, референдумски да излезе во недела и да им каже доста е на злоупотребите на Заев и Спасовски. Одговорност за злоупотребите ќе има. Пардон нема да има за никој што работел против законите и против народот на Македонија. Заев и Спасовски, готово е! Македонија и нејзините граѓани заслужуваат промени, посочи тој.