Објект на Американската служба за имиграција и царина нападнат однадвор, повеќе лица повредени

Крв, паника и крик одекнаа утрово во Далас, САД, кога објект на Американската служба за имиграција и царина беше мета на снајперски напад. Од истрелите биле погодени вработени во безбедносната зона на службата, при што тројца загинале, меѓу нив и напаѓачот кој извршил самоубиство. Според првичните информации, меѓу жртвите најверојатно има и еден припадник на службата.

– Имаме повеќе повредени и загинати лица. Иако не го знаеме мотивот, знаеме дека ваквото насилство станува секојдневие. Ова мора да престане – изјави секретарката за внатрешна безбедност на САД, Кристи Ноем.

В. д. директорот на ICE, Тод Лајонс, истакна дека напаѓачот пукал однадвор, а погодени се луѓе што биле во зона сметана за безбедна.

Овој инцидент следи по низа напади врз објекти на истата служба. Минатиот месец, во Сан Антонио, а потоа и на 4 јули во Алварадо, службениците биле цел на организирани напади.

– Напаѓачот починал од прострелна рана што си ја нанел сам – соопшти Американската служба за имиграција и царина.

Во јулскиот напад во Алварадо, полицаец бил застрелан во врат и преживеал. Надлежните ги поврзуваат нападите со растечкиот политички притисок и дезинформации околу имиграциските политики, што ја зголемува тревогата за безбедноста на службениците.