Албанија доби прва „виртуелна министерка“ – Диела, бот од вештачка интелигенција задолжен за јавни тендери. Таа нема да биде поткупувана, нема да можат да ѝ се закануваат или да биде наговарана, со што властите најавуваат радикален пресврт во начинот на кој се распределува државниот буџет.
Премиерот Еди Рама, претставувајќи го новиот кабинет со кој го започнува четвртиот мандат, истакна дека Диела – збор што на албански значи Сонце – ќе ги управува и ќе ги доделува сите јавни набавки.
„Диела е првиот член на кабинетот кој не е физички присутен, туку е виртуелно создаден од вештачка интелигенција“, рече Рама.
Јавните тендери со години се сметаат за најголем извор на корупција во Албанија. Експерти предупредуваат дека земјата е седиште на банди што перат пари од шверц со дрога и оружје, а корупцијата се вовлекла и во институциите на власта. Ваквата слика ја успори европската интеграција, иако Рама постави цел Албанија да стане членка на ЕУ до 2030 година — амбиција што политичките аналитичари ја оценуваат како тешко достижна.
И покрај големите очекувања, владата не прецизираше дали Диела ќе биде под човечки надзор и како ќе се елиминира ризикот од манипулации. Ботот беше промовиран уште претходно годинава како виртуелен асистент на платформата e-Albania за издавање државни документи.
Првите реакции во јавноста се скептични. „Дури и Диела ќе биде корумпирана во Албанија“, напиша еден корисник на Фејсбук. „Кражбите ќе продолжат, а Диела ќе биде виновна“, додаде друг.
Новиот парламент, избран во мај, ќе започне со работа во петок. Практиката ќе покаже дали виртуелната министерка навистина ќе донесе промена во начинот на кој се доделуваат тендерите и дали Албанија ќе се доближи до европските стандарди.