Министерот за култура, Зоран Љутков, утрово гостуваше во студиото на Радио Лидер. Неговото гостување се совпадна со годишнината од трагедијата во дискотеката Пулс во Кочани, каде 63 лица го загубија животот.

Шокот по трагедијата

„Мора да кажам дека шокот е нешто кое е првиот удар. Кога не сте свесни од какви размери е оваа голема трагедија. Знам дека добив порака околу 4 часот утрото. Едно ми беше јасно: Веќе никогаш ништо нема да биде исто во нашето општество. Дека мора конечно да ги научиме лекциите кои не се научени во минатото“, изјави министерот.

Проверка на сите национални установи

Љутков посочи дека по трагедијата веднаш биле преземени активности во институциите со кои раководи Министерството за култура.

„Вториот удар врз мене беше тоа што јас раководам со 72 национални установи. Имаме повеќе од 20 институции каде секоја вечер има повеќе од 300 луѓе. Тогаш им дадов инструкции на сите директори да ја проверат состојбата на објектите“, рече тој.

Катастрофална состојба во дел од објектите

Според министерот, при проверките биле утврдени сериозни проблеми во дел од установите.

„Тоа во Кочани е приватен објект, а овие установи се државни. Увидовме дека состојбата беше катастрофална. Некаде половичен, некаде целосен ризик имаше. Веднаш направивме пауза од настани. Поголемиот дел од директорите брзо реагираа и обезбедивме средства за санација. Се проверуваа излези дали се функционални. Само една национална установа не исполнуваше никакви услови и од тие причини беше веднаш затворена. Станува збор за Театар Војдан Чернодрински. Таму не можеме да интервенираме и сега не функционира, но добро е што го имаат центарот за култура во Прилеп“, изјави Љутков.

Целото интервју погледнете го во продолжение: