Македонска државјанка е уапсена во Црна Гора откако било пријавено дека со автомобил прегазила куче во населба во Улцињ, а потоа се обидела да ја напушти земјата. Полицијата брзо го пронашла возилото, ја идентификувала жената и ја спречила да ја премине границата.
Од Полициската управа на Црна Гора информирале дека околу 16 часот добиле пријава дека едно лице со возило прегазило куче кое било во сопственост на граѓанин. Полициските службеници од Улцињ го пронашле автомобилот и утврдиле дека со него управувала државјанка на Македонија, која потоа била спроведена во просториите на Одделението за безбедност во Улцињ.

Според неофицијални информации, по инцидентот жената се упатила кон границата со намера да ја напушти Црна Гора, но полицијата ја спречила и ја привела. За случајот било известено Основното државно обвинителство, кое треба да се произнесе за понатамошната постапка.
На социјалните мрежи било објавено вознемирувачко видео на кое, според објавите, се гледа како автомобил прегазува шарпланинско куче, додека зад возилото се наоѓа уште едно мртво куче. Според неофицијалните информации, второто куче ѝ припаѓало на уапсената жена и претходно било нападнато и усмртено од шарпланинецот.
Невладината организација „Пријатели на животните“ побара итна реакција од надлежните институции и сторителката да биде гонета согласно Законот за благосостојба и заштита на животните.
„Без разлика дали сторителите на вакви и слични кривични дела против животните се државјани на Црна Гора или странски државјани, сите мора да сносат еднаква одговорност за стореното неправо“, порачаа од организацијата.
Оттаму додаваат дека очекуваат институциите професионално да ја завршат постапката и одговорното лице да ја добие соодветната казна.
ВИДЕОТО ПОГЛЕДНЕТЕ ГО ТУКА.
