Американската поп-ѕвезда Тејлор Свифт, која моментно урива рекорди со новиот албум насловен „The Tortured Poets Department“, облече креација на македонски дизајнер.
Имено, на видеото за песната „Fortnight“, која ја изведува во дует со рапeрот Пост Малоун – видео кое урива рекорди во гледаност – во неколку сцени Свифт се појавува во бел, екстравагантен фустан. Фустанот е со потпис на австралискиот дизајнер со македонско потекло Тони Матичевски.
Тимот на Матичевски за Дејли меил потврди дека Свифт е првата која го облекла ова модно парче од 6.200 долари и дека нејзините стилисти стапиле во контакт со него уште пред доделувањето на годинашните музички награди Греми, кога таа го најави нејзиниот нов студиски албум.
Фустанот во боја на бисер има „скулптурална силуета“, аголно деколте и збир е на вештачки збрчкан материјал на колкот за да го открие бутот.