Винчини полека се консолидира и продолжува со работа, а целиот тим веќе е прилагоден во фабриките, соопштија од Макпрогрес груп.

На 6 септември во вечерните часови во пожар изгоре еден производен погон и два магацина на компанијата од Виница, еден од најголемите произведувачи на кондиторски производи во земјава.

– Целиот наш тим е вратен и целосно прилагоден во фабриките „Винчини“, „Сончева долина“, „Фантазија“, „Натура“, „Дони“, а и „Винчини чоколадна фабрика“. Навистина сме горди што ги презедоа сите предизвици како вистински шампиони – рекоа од Макпрогрес груп.

Тие, како што наведуваат, искрено и од срце се благодарни за огромната поддршка што ја добиле од граѓаните и од бизнис заедницата.

– Ова е феномен, да се види како цела Македонија застана зад еден домашен бренд и зад еден мал град како Виница. Тоа отсега натаму ќе го дефинира нашиот бренд и нашата приказна – потенцираат од Макпрогрес груп.