Врховниот лидер на Иран, Али Хамнеи, упати остра осуда кон демонстрантите во обраќање што беше емитувано на државната телевизија, во екот на масовните протести што ја потресуваат земјата.

Масовни протести во Иран – Остра порака до демонстрантите

Хамнеи изјави дека учесниците во протестите „ги уништуваат сопствените улици за да го усреќат претседателот на друга земја“, алудирајќи на американскиот претседател Доналд Трамп. Тој нагласи дека Исламската Република е создадена „со крвта на стотици илјади чесни луѓе“ и дека нема да попушти пред, како што рече, саботерите. Во говорот додаде дека постојат бројни проблеми и во рамки на Соединетите Американски Држави, пренесе Iran International.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Visegrád24 (@visegrad.24)

Повик за единство и мобилизација

Иранскиот верски лидер ги повика своите поддржувачи да останат обединети, обраќајќи им се особено на младите. Тој порача да се зачува подготвеноста и националното единство, оценувајќи дека обединета нација може да се справи со секој непријател.

Дигитален мрак и масовен одѕив на улиците

Во меѓувреме, иранските власти вчера го ограничија пристапот до интернет во Техеран и во делови од земјата, на 12-тиот ден од протестите против владата. Два извора потврдија дека интернетот во престолнината бил во прекин, додека организацијата NetBlocks соопшти дека податоците укажуваат на „дигитален мрак“, со значителен пад на поврзаноста кај повеќе провајдери.

Извор за CBS News наведе дека на улиците на Техеран има огромни, досега невидени маси луѓе, при што најголемиот дел од населението е без интернет, додека ограничен број корисници со деловни сметки сè уште имаат пристап. Аналитичарите оценуваат дека токму овој одѕив ќе покаже дали протестите, кои траат 12 дена, ќе стивнат како претходните или ќе прераснат во сериозен предизвик за власта, со ризик од поширока репресија.

Протестите започнаа на 28 декември поради економската криза и претставуваат најзначаен предизвик за иранската власт во последните неколку години, истакнува Associated Press.