Голем број мигранти денеска влегоа во шпанската северноафриканска енклава Сеута, откако од мароканската страна ја преминаа границата по морски пат. Според шпанската Цивилна гарда, тие масовно пристигнувале преку граничниот премин Тарахал, при што полицијата на бранобранот не успеала да го запре нивниот влез.

Портпаролот на Цивилната гарда изјави дека мигрантите „масовно влегуваат од морето“ преку бранобранот кај граничниот премин Тарахал, но не можеше да соопшти проценка за нивниот број.

Шпанската државна телевизија TVE објави дека границата ја преминале меѓу 2.000 и 3.000 млади луѓе. Во исто време, државната новинска агенција EFE јави дека стотици млади биле забележани како ја преминуваат заштитната ограда, која во тој момент не била под полициска контрола, и влегуваат во Сеута.

Според EFE, членовите на мароканските помошни безбедносни сили, задолжени за обезбедување на подрачјето, се повлекле додека младите ја преминувале границата. Агенцијата Ројтерс, сепак, наведува дека не можела независно да ги потврди овие информации.

Сеута, заедно со Мелиља, е шпански автономен град во Северна Африка и претставува единствена копнена граница на Европската Унија со африканскиот континент. Двата града повремено се соочуваат со масовни обиди на мигранти да влезат во Европа.

На снимките што се појавија од местото на настанот се гледа како дел од мигрантите извикуваат „Да живее Шпанија“ додека влегуваат на територијата на енклавата. Голем дел од нив од мароканската страна пристигнале користејќи надувувачки прстени и други водни пловила.

Активистот за права на мигрантите Закарија Зароки изјави дека денешното масовно преминување потсетува на настаните од мај 2021 година, кога околу 10.000 млади од Мароко и од земјите од Субсахарска Африка за неколку дена влегоа во шпанските енклави.

„Ситуацијата е сè уште надвор од контрола додека зборуваме“, изјави Зароки, додавајќи дека луѓето и натаму се собираат во мароканскиот град Фнидек во обид да преминат во Сеута.