Премиерот Христијан Мицкоски побара разрешување на директорот и членовите на Управниот одбор на институцијата одговорна за „Македониумот“ во Крушево, откако во внатрешноста на споменикот беа снимени делови од спотот „Секси мама“ на косовскиот рапер Дон Џони.

Мицкоски денеска, одговарајќи на новинарско прашање за случајот, рече дека случувањето претставува пропуст што не требало да се дозволи и најави дека ќе побара од министерот за култура и туризам да ги разреши раководните лица на институцијата.

„Ги следев тие реакции. Навистина, тоа таму што се случило претставува нешто што не треба да се случи. Јас ќе побарам од министерот за култура и туризам да биде разрешен директорот на таа институција заедно со Управниот одбор, бидејќи таков тип на институции не треба да бидат изнајмувани, користени за такви намени“, изјави Мицкоски.

Тој упати и извинување до граѓаните поради, како што рече, направениот пропуст.

„Јас им се извинувам на граѓаните поради тоа што е направен тој пропуст и се случил и ќе се трудиме во иднина такво нешто да не се повтори. Така што уште денеска ќе побарам да бидат и членовите на Управниот одбор и директорот на таа институција разрешени“, додаде премиерот.

„Македониумот“, кој претставува заштитено културно наследство на државата, бил отстапен за сума од 500 евра на продукцијата на косовскиот рапер Дон Џони за снимање делови од видеоспотот за песната „Секси мама“.

Снимањето во внатрешноста на споменикот предизвика реакции во јавноста, по што случајот доби и институционална реакција.