Осмиот ден од масовните протести против власта во Албанија донесе драматична ескалација на насилството во центарот на Тирана. Дел од демонстрантите директно се судрија со безбедносните сили, по што полицијата употреби водени топови и солзавец за разбивање на толпата.

За време на жестоките судири демонстрант фрли молотов коктел врз кабинетот на премиерот Еди Рама, на што полициските единици одговорија со силен бараж од солзавец и водени топови. Толпата возврати со фрлање камења и тврди предмети кон кордоните, а полициските сили според теренските извештаи употребиле и гумени куршуми за да ги одбијат нападите.

За да го спречат движењето на полициските оклопни возила, учесниците во протестот запалија контејнери за отпад и со нив ги блокираа главните сообраќајници во албанската престолнина. Граѓаните со денови бараат заминување на шефот на владата, додека Рама порачува дека власта се менува исклучиво на избори, обвинувајќи странски фактори за организирање на бунтот.

Синдикатот на вработените на универзитетите во Албанија официјално застана зад студентските барања и упати ултиматум со пет барања до извршната власт. Академската заедница инсистира на итно повлекување на Рама и воспоставување транзициска власт за враќање на стабилноста во институциите.

„Го повикуваме премиерот Рама да ги земе предвид загриженостите на студентската заедница и да ѝ овозможи на земјата да тргне кон мир. Бараме негова итна оставка и формирање преодна влада, чија задача ќе биде да го врати институционалниот поредок, да ги намали тензиите и да ги усогласи владините дејствија со волјата на јавноста“, се вели во петицијата.

Синдикалната организација упати апел и до полициските службеници да престанат со прекумерната употреба на сила и да не извршуваат незаконски наредби против студентите.

„Не заборавајте дека оние што денес ви ги даваат овие наредби, утре ќе ги негираат, додека одговорноста ќе остане исклучиво на вас, бидејќи граѓаните и медиумите ве снимаат“, порачуваат од Синдикатот.

Универзитетските професори побараа итна јавна реакција и директна дипломатска инволвираност од странските амбасади во Тирана со цел да се обезбеди заштита на основните граѓански и човекови права во земјата.