Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски го поздрави постигнувањето на рамковниот договор меѓу Соединетите Американски Држави и Македонија за реципрочна, фер и избалансирана трговија, оценувајќи го како значаен чекор во унапредувањето на економската соработка меѓу двете земји.

Во објава на Фејсбук, Муцунски го оценува договорот како важен и значаен исчекор во економската соработка со Соединетите Американски Држави, кој има големо значење за македонската економија и од кој конкретен бенефит ќе имаат македонските компании.

„Усогласивме заедничка изјава и рамка за договор за реципрочна, фер и избалансирана трговија, со што ја зајакнуваме билатералната економска соработка и отвораме поголеми можности за извоз на македонските компании во САД“, напиша Муцунски, изразувајќи благодарност до институциите и дипломатските претставништва кои учествувале во процесот.

Премиерот Христијан Мицкоски, кој вчера го најави договорот, посочи дека се очекува позитивно влијание врз економските движења, вклучително и стабилизирање на инфлацијата. Тој истакна дека околу шеесетина стратешки македонски производи ќе можат да се извезуваат на американскиот пазар со значително пониски тарифи, кои ќе се движат од нула до околу шест и пол проценти.

Според премиерот, договорот е резултат на повеќемесечни интензивни преговори, кои овозможиле поповолни услови за извоз и дополнително зајакнување на економските односи со САД.