На прес-конференција, членката на Извршниот одбор на СДСМ, Наташа Поповиќ, ја обвини власта дека не дава доволно одговори за кризата со водоснабдувањето во Гостивар и побара веднаш да ги објави официјалните анализи за квалитетот на водата.
Поповиќ рече дека додека илјадници граѓани се соочувале со последиците од здравствената криза, Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ одржувале партиска прослава во Гостивар.
„Над 5.000 граѓани беа отруени, 22 дена се пиеше вода со фекалии, а Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ слават во Гостивар“, изјави Поповиќ, обвинувајќи ја власта дека наместо одговорност, испраќа пораки на славење.
Од СДСМ посочуваат дека и по пет недели, според нив, во јавноста не е објавен официјален документ со резултатите од анализите на водата.
Поповиќ праша зошто, доколку анализите се прават секојдневно, нивните резултати не се достапни за граѓаните.
„Ако сè е во ред, тогаш прашањето е многу едноставно: зошто пет недели нема официјално објавени резултати од анализите на водата во Гостивар? Зошто документите се кријат од јавноста?“, праша таа.
Според СДСМ, недостигот од јавно достапна документација создава несигурност и недоверба кај жителите. Поповиќ побара да се објават и информациите за тоа која институција официјално гарантира дека водата е безбедна за пиење.
Таа се осврна и на изјавите на министерот за здравство Азир Алиу дека анализите на водата се прават секојдневно, прашувајќи каде се резултатите од тие анализи.
Од СДСМ обвинуваат и дека наместо стручни лица и надлежни институции пред јавноста да ги објаснат резултатите, граѓаните добиваат, како што велат, различни и контрадикторни информации.
„Граѓаните на Гостивар не бараат славење, партиски прослави и здравици. Бараат документ и бараат чиста вода. Бараат вистина, бараат одговорност“, рече Поповиќ.
Од СДСМ побараа власта веднаш да ги објави сите анализи за квалитетот на водата во Гостивар.
