Големи поплави ја зафатија источна Шпанија, особено регионот Валенсија, поројните дождови предизвикаа хаос на патиштата, а властите трагаат по неколку исчезнати лица.

Итните служби, како што пренесуваат медиумите, работат на спасување на луѓето од поплавените подрачја. Полицијата во градот Л’Алкудија трага по возач на камион кој се води за исчезнат од рано попладне.

Градоначалникот на градот Летура, Серхио Марин Санчез за шпанската јавна телевизија изјави дека службите за итни случаи трагаат по неколку лица кои исчезнаа по поплавите.

Понатаму, брзиот железнички сообраќај меѓу Мадрид и источното пристаниште Валенсија беше прекинат поради штетата предизвикана од невремето на железничката мрежа.

The Guardian објави дека брз воз со 276 патници излетал од шините во јужниот регион на Андалузија, но никој не е повреден.

Службите за итни случаи спасуваа луѓе во Алора, исто така, во Андалузија, а некои беа евакуирани со хеликоптери откако реката се излеа од коритото. Државната метеоролошка агенција АЕМЕТ прогласи црвен аларм во регионот на Валенсија и втор највисок степен на тревога во делови од Андалузија. Истовремено, поради поплави беа затворени бројни патишта.

Интензивните дождови се припишуваат на феноменот познат како „студена капка“, која се јавува кога студениот воздух минува над топлите води на Средоземното Море, што создава атмосферска нестабилност, предизвикувајќи брз пораст на топол, заситен воздух и формирање на големи кумулонимбусни облаци. доведе до силен дожд.