Делови од Хрватска се погодени од обилни дождови и силни ветрови, предизвикувајќи големи штети во главниот град Загреб. Јавниот превоз е нарушен, а училиштата се затворени.
Снег падна во Хрватска вчера, а синоќа предизвика и проблеми со сообраќајот на северозападниот дел од земјата. Загреб не е завеан, но силниот ветер собори дрвја, однесе покриви, градежни конструкции, огради и други предмети што не беа цврсто прицврстени. Некои дрвја уништија автомобили паркирани под дрвјата, а ова невреме започна вчера и траеше преку ноќ.
Трамвајските линии беа оштетени, што предизвика колапс на јавниот превоз. Голем број линии се прекинати или пренасочени, а нормализација се очекува попладне откако ќе се санираат оштетените линии.
Пожарникарите од Загреб велат дека имале приближно 300 интервенции во текот на ноќта.
Градот Загреб објави дека поради опасните временски услови предизвикани од силните ветрови со бура со сила на ураган, а со цел да се заштити безбедноста на учениците во сообраќајот, наставата нема да се одржува во основните и средните училишта во петок.
Тие, во соработка со надлежното министерство, советуваа децата да останат дома доколку е можно, а за оние кои немаат можност да останат дома ќе се организира престој во училиштата.
