Македонија ја очеква „жешка есен“ со многу протести од незадоволните работници, а свои протести најавија вработените од здравство и полиција, пренесе Макфакс.
На состанокот се реши дека има голем број аномалии во колективниот договор со здравствените работници, со здравствениот административен персонал, со техничкиот персонал. Потребно е тие аномалии да се решат постепено, рече Боби Бојчевски од Независниот синдикат на здравството по средбата со министерот за информатичко општество и администрација.
Ние сме усогласени за понатамошните постапки што ни ги нагласија во МИОА, каде да се движиме и како да го решиме овој проблем, рече тој.
„Здравствените работници се донесени до маргините. Нето-плата на еден вработен возач во Итната медицинска помош е од 22.500 до 23.400 денари. Како може тој вработен да го преживее денот, да го преживее месецот. Ние како независен синдикат ќе се бориме за оваа категорија луѓе. Да се решат аномалиите од првата до четвртата работна група според работните односи. Првата група има поголема плата од четвртата група“, изјави Боби Бојчевски од Независниот синдикат на здравството.
Тој повика сите институции да се позанимаваат со здравството и со здравствените работници.
„Подобро е да го гаснеме оганот додека жари, а не кога ќе се направи пожар. Здравствените работници не може да ги преживеат денот и месецот“, додаде тој.
Бојчевски најави протест во септември ако не се решат проблемите.
„Ако не се решат овие работи, во септември ќе има протест и ќе бараме 30 отсто покачување на платата на овие работници. Во септември ќе има масовни протести поддржани од сите синдикати и од сите здравствени работници, од хигиеничар до доктор“, изјави Бојчевски.
Тој рече дека со зголемување на минималната плата здравствената администрација и техничкиот персонал со ова немаат никакво покачување на платата.
Бојчевски вели дека само на тие што примале под минималната плата им се зголемиле примањата.
„На оваа средба успеавме да разграничиме некои работи. Негувателите и болничарите се водат како помошен технички персонал, а треба да се водат како здравствени работници. Ако се водат како здравствени работници, нема да бидат во категоријата минималец“, изјави Лазо Костовски од Независниот синдикат на Геријатрија.
Негувателите и болничарите досега беа понижени и маргинализирани. Останува на работодавците дали ова од денешната средба ќе го прифатат или да продолжат како досега, да не ги признаваат како здравствени работници, додаде тој.
За септември, Костовски најави жешка есен со масовни протести доколку не се решат проблемите. Тој додаде дека и полицијата не е задоволна со платите.