Потпишан Договорот за изградба на железничкиот тунел на Коридор 8

На железничката станица во Ѓуешево денеска беше потпишан Договорот за подготовка, изградба и оперативност на меѓуграничниот железнички тунел на Коридор 8. Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски истакна дека овој проект претставува историски момент и исполнување на генерациски сон за железничко поврзување меѓу Македонија и Бугарија.

Стратешки и безбедносен проект за регионот

„Овој договор е сон на генерации од двете страни на границата. Работиме сериозно и посветено, без нереални ветувања, но со јасна цел – реализација на проектот“, изјави Николоски. Тој нагласи дека Коридорот 8 има големо стратешко и економско значење за Македонија, бидејќи ја поврзува земјата со две мориња и ја зголемува конкурентноста на домашната економија. Дополнително, проектот има и безбедносно значење за НАТО, во контекст на поддршката кон Украина.

Финансиска конструкција и динамика на изградбата

Средствата за источниот дел од Коридорот 8 се целосно обезбедени. Првата фаза е завршена, втората – од Бељаковце до Крива Паланка – е во тек и треба да биде завршена до октомври 2026 година. Вкупната инвестиција изнесува околу 810 милиони евра, од кои 200 милиони се грант од Европската унија. Николоски најави дека во декември ќе биде распишана претквалификација за избор на изведувач за третата фаза – делницата од Крива Паланка до границата со Бугарија.