Утрово гостин на Радио Лидер беше потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски кој мониторинг комитетот на парламентарното собрание на Советот на Европа го избра за известувач за Босна и Херцеговина. За оваа функција тој гостуваше на нашиот медиум каде објасни што значи ова и зошто е толку значајно.

Она што вреди да се напомене е дека Николоски е првиот Македонец кој доаѓа на оваа позиција.

Мојата улога како известител е да го следам развојот на сите овие полиња кои што ги споменав и за тоа да пишувам извештаи кои се поднесуваат до мониторинг комитетот, потоа и до парламентарното собрание на Советот на Европа кои откако ќе се усвојат се доставуваат до советот на министри, вели Николоски за Радио Лидер.

Тој додава дека за првпат се случува Македонец, политичар од Македонија да оценува работа во друга држава.

Конечно покажавме дека како држава имаме капацитет, луѓе, кои што можат тоа да го прават во други држави и можеме достинствено да се докажуваме со сите капацитети. Да напоменам изборот е прилично комплициран и тежок, има повеќе услови кои треба да се исполнат, додаде потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ.

 

Негова обврска во наредниот период ќе биде следење на прогресот на БиХ во делот на исполнување на обврските кои државата ги има преземано кон Советот на Европа, пред сè, во делот на почитување на основните човекови права, владеење на правото, борба со криминалот и корупцијата, изборните реформи, како и воспоставувањето на фунционална правна држава.

Како што вели Николоски, ова е огромна чест за него но, во исто време претставува признание за Македонија, затоа што македонски пратеник успева да стигне на оваа позиција. Тој додава дека со вакво признание не се стекнал ниту еден политичар од власта, а и покрај тоа што тие се декларираат како „прозападни, проевропски“ и слично.