Во тек е изработка на нов просторен план на државата, токму од страна на Агенцијата за планирање на просторот, истакна денеска вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски кој се обрати на настан по повод „20 години постоење на Агенција за планирање на просторот“.
-Ова е стратешки, фундаментален документ за државата, како долгорочен документ кој треба да ги даде насоките за просторен план на државата и начинот на кој ќе се овозможи развој на државата и бенефит на целокупното општество, посочи Николоски.
Тој додаде дека важноста на целиот овој процес е голем од многу причини. Потенцираше дека Македонија како природна крстосница меѓу источна и централна Европа, многу очекува од овој план.
-Положбата на коридорите исток-запад, север-југ, Коридорот 8 , Коридорот 10 и Коридорот 10 Д е нешто што треба да го искористиме, како и близината во важните пристаништа, улогата како транзитна земја, не само за транспорт, туку и за енергија и трговија. Во овие глобални предизвици значајно е Македонија енергетски да се поврзува, потенцираше министерот за транспорт.
