На вчерашната седница на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците донесовме одлука за одржување јавна расправа по Предлог-законот за организација и работа на органите на државната управа, која ќе се одржи во понеделник, со почеток во 10 часот, изјави Љупчо Пренџов, пратеник на Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ на денешната прес-конференција.
На Јавната расправа, која ќе се одржи во понеделник, се поканети експерти, универзитетски професори, претставници на институциите, граѓанскиот сектор, меѓународните организации и сите релевантни чинители кои можат да придонесат за подобрување на законското решение.
Пренџов посочи дека станува збор за важен закон кој директно влијае врз функционирањето на државната управа, ефикасноста на институциите и квалитетот на услугите што ги добиваат граѓаните. Според него, донесувањето на вакво законско решение треба да биде резултат на сериозна дебата, стручна анализа и широк општествен и политички консензус.
Тој упати повик и до опозицијата активно да се вклучи во јавната расправа, да ги изнесе своите предлози и забелешки, посочувајќи дека очекува СДСМ, ДУИ, ВЛЕН, ЗНАМ и сите политички групи во Собранието да номинираат дополнителни учесници.
– Различните ставови не треба да бидат пречка, туку можност да дојдеме до поквалитетно законско решение, истакна Пренџов.
Тој нагласи дека законот е дел од реформската агенда на државата и Планот за раст, договорен со Европската Унија, додавајќи дека досега се повлечени повеќе од 150 милиони евра.
Пренџов посочи дека Македонија три пати по ред е меѓу најуспешните држави во спроведувањето на реформите и повлекувањето средства од Европската Унија, што, како што рече, е од особено значење за развојните проекти и подобрувањето на институционалните капацитети.
Осврнувајќи се на случувањата поврзани со Алта банка и надзорната расправа, Пренџов порача дека ниту еден штедач, пензионер или комитент кој директно или индиректно е поврзан со банката нема да биде оштетен.
– Ниту еден штедач, пензионер или комитент кој директно или индиректно е поврзан со Алта банка нема да биде оштетен ниту за еден денар, дециден беше Пренџов.
Тој оцени дека јавноста имала можност да види кој работи Македонија да успее, а кој, според него, се радува и се моли таа да не успее.
Во однос на продолжувањето на надзорната расправа, Пренџов рече дека уште по првиот ден сметале дека е потребно таа да продолжи, додавајќи дека одговорите за нејзиното продолжување треба да се побараат во рамките на Социјалдемократскиот сојуз.
На крајот, тој порача дека приоритет останува спроведувањето суштински реформи преку поголема транспарентност, дебата и вклученост на сите релевантни чинители, со цел создавање посилни институции и поефикасна државна управа.
