Утрово во угостителски објект во Крапина, Хрватска, се случи трагично пукање во кое животот го загуби Роберт Грилец, долгогодишен началник на Службата за криминалистичка полиција во ПУ Крапина-Загорје.

Според официјалните информации од полицијата, инцидентот се случил околу 08:10 часот. Напаѓачот, 52-годишен маж, со огнено оружје пукал во Грилец (52), кој во тој момент не бил на должност. Веднаш по убиството, сторителот се обидел да си го одземе животот пукајќи во себе. Со хеликоптер на итната медицинска помош тој е пренесен во КБ „Дубрава“, каде лекарите се борат за неговиот живот.

Сведоштва од местото на настанот: „Пукаше без ниту еден збор“

Очевидци на трагедијата, вработени во кафулето каде се случило убиството, опишуваат застрашувачки сцени. Келнерот Доријан Шваљек изјави дека напаѓачот влегол во објектот вооружен и без никаква претходна расправија испукал три куршуми во жртвата.

„Човекот влезе со пиштол, се сврте кон него и пукаше трипати. Потоа излезе надвор и се застрела себеси. Немаше никаква караница, ништо… Само влезе и пукаше“, вели Шваљек, кој во тој момент се сокрил во магацинот заедно со неговата колешка.

Во моментот на пукањето во кафулето имало петнаесетина гости кои во паника почнале да бегаат.

Убиениот и убиецот биле соседи

Портпаролот на полициската управа, Звонимир Лончар, потврди дека и жртвата и сторителот се жители на Крапина и дека живееле во непосредно соседство. Засега мотивите за ова свирепо убиство не се познати.

Роберт Грилец бил истакнат полициски службеник кој во 2018 година бил одликуван од тогашната претседателка Колинда Грабар-Китаровиќ за чесна и примерна служба.