Интерес од домашни и странски банки

Вкупно 24 банки се вклучени во процесот на разгледување на проектната документација за изградба на брза пруга долж Коридорот 10, објави министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска во подкастот „Каде се парите“ со новинарот Горан Теменугов.

„Досега 22 банки веќе добија официјално барање за доставување понуди, а уште две дополнителни – НЛБ Словенија и една банка од Дубаи – веќе покажаа интерес и во моментов се во фаза на анализа на материјалите што им ги доставивме“, изјави Димитриеска-Кочоска.

Министерката нагласи дека НЛБ Словенија има намера да учествува како дел од конзорциум. Истото важи и за банка од Дубаи. Според неа, завршена е првичната фаза, а банките веќе пристапиле кон анализа на деталите. Погледнете го исечокот.

Наскоро се очекува да се знаат деталите за сите 24 банки заинтересирани за финансирање за брзата пруга.

Проектна документација и транспарентност

Целокупната проектна документација што била добиена од „Железници“ преку Министерството за транспорт и Владата, веќе е споделена со заинтересираните банки. Министерството за финансии, како што подвлече министерката, останува достапно за сите дополнителни прашања.

„Сè што е на располагање ќе го споделиме со цел процесот да биде транспарентен, да добиеме поконкретни понуди и – секако – најповолна каматна стапка за државата“, порача таа.

Иако интересот за проектот е сериозен, министерката појасни дека буџетски средства за оваа намена не се предвидени ниту во ребалансот за 2025 година, ниту во буџетот за 2026 година.

„Првите исплати се планирани за 2027 година, што е координирано и потврдено од Министерството за транспорт и од премиерот“, рече министерката.

Избор на банка, закон за задолжување и влијание од изборите

Во однос на понатамошната динамика, по приемот на понудите, Министерството за финансии ќе изврши анализа и ќе достави предлог до Владата. Потоа конечната одлука за избор на банка-финансиер. Следно ќе биде изработка и усвојување на Закон за задолжување, по што ќе започнат и јавните набавки од страна на ресорното министерство.

„Треба да се земе предвид и изборниот период, кој влијае на временската рамка. Затоа, не можам точно да предвидам колку време ќе биде потребно за сите следни чекори. Но, она што е важно е дека 2027 година е годината кога се планира првото повлекување на средства“, заклучи Димитриеска-Кочоска.