Хеликоптерите на МВР со повеќе од 30 тони вода интервенираа во гасење пожари кај Плачковица и во струмичко

Хеликоптерите на МВР фрлија над 30 тони вода во борбата против пожарите во источниот и југоисточниот дел на земјава.

Во текот на денешниот ден, два полициски хеликоптера, Бел 412 и Агуста Бел 212, беа ангажирани во гасењето на пожарите на планината Плачковица и во струмичко.

Како што информира Министерството за внатрешни работи, хеликоптерите во текот на акцијата исфрлиле повеќе од 30 тони вода.

„Продолжуваат активностите на полициските хеликоптери и во наредните денови. Сè до целосно гасење на пожарите на територијата на целата држава“, соопштуваат од МВР.

Од ресорното министерство најавуваат дека ќе продолжат со воздушни интервенции секаде каде што е неопходно, со цел заштита на населението и природата од понатамошни штети.