Јулија Навални, сопругата на починатиот руски опозициски лидер Алексеј Навални, објави видео на кое вели дека нејзиниот сопруг бил отруен со Новичок. Таа ги обвини руските власти дека го криеле телото на Навални.

„Го кријат неговото тело, чекајќи да исчезнат трагите од новичок од неговото тело“, рече вдовицата на Навални.

Таа, исто така, се заколна дека ќе ги објави имињата на оние кои учествувале во смртта на неговиот сопруг и ќе открие зошто е убиен.

Јулија се огласи откако портпаролката на Навални изјави дека на мајката на рускиот опозициски лидер и на неговиот адвокат денеска не им било дозволено да влезат во мртовечницата за да го видат неговото тело.

Во видеото објавено на каналот на Навални на Јутјуб, неговата вдовица рече дека ќе продолжи со неговата работа.

„Не требаше да го снимам ова видео. Некој друг требаше да биде на мое место, но тој човек беше убиен од Владимир Путин“, тврди вдовицата на Навални во видеото што беше поставено на YouTube околу 11:30 часот по наше време.

„Путин го уби таткото на моите деца. Путин го одзеде највредното нешто што го имав, најблиската личност, личноста која најмногу ја сакав на светот. Но Путин го зеде Навални од сите вас. Со убиството на Навални, Путин не сакаше само да убие човек. Сакаше да ги убие нашите надежи, нашата слобода, нашата иднина“, вели вдовицата во видеото.

„Тој сакаше да ги избрише најдобрите докази дека Русија може да биде поинаква, дека ние сме силни, дека сме храбри, дека веруваме и се бориме неуморно и дека сакаме да живееме поинаку“, рече Јулија Навални.

Јулија Навални рече и дека „точно знае зошто Путин го убил Алексеј“ и дека неговиот тим јавно ќе зборува за тоа во блиска иднина.