Состојбата со пожарот во „Јасен“ се влоши поради силниот ветер, но спасувачките екипи спречија проширување кон селата и скопската страна

Состојбата со пожарот во „Јасен“ пред неколку часа почна значително да се влошува поради силниот ветер кој дуваше во попладневните часови. Постепено, брзината на ветерот се зголемуваше, предизвикувајќи голема непријатност. Пожарот се движеше со исклучително голема брзина. Горејќи ги боровите стебла и создавајќи висока температура и густ црн чад кој се шири кон гребенот. Изјави директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) Стојанче Ангелов.

„Нашата цел беше да го одбраниме гребенот и да не дозволиме пожарот да премине кон село Брезница или кон скопската страна,“ нагласи Ангелов.

Тој информира дека ширењето на пожарот било спречено благодарение на вработените, раководителите и директорот на „Јасен“. Како и со поддршка од екипи пожарникари од општина Македонски Брод.

„Се создаваше голема количина чад, која не задушуваше, едвај дишевме, но не се повлековме и ги сопревме пламените јазици,“ изјави Ангелов од терен.

Директорот на ДЗС додаде дека на помош пристигнуваат пожарникари од Скопје, Велес и Куманово. Тие ќе бидат распоредени, а поддршка добиваат и вработените во општина Сопиште кои вршат дотур на вода и други активности.

„Тука се припадници на ЕБР, кои управуваат со пинцгауерите на Дирекцијата. Ќе бидеме засилени со уште пет пинцгауери кои ни помагаат за движење по овој исклучително тежок терен,“ истакна Ангелов.

Центарот за управување со кризи (ЦУК) информираше дека до 18:00 часот на територија на целата држава се регистрирани 20 пожари на отворен простор, од кои седум се активни, еден е под контрола, а 12 се изгаснати.

Покрај „Јасен“, активни пожари има и во општина Студеничани, кај село Горно Количани и село Драчевица – планински врв Китка, во струшкото село Подгорци, кај прилепското село Беловодица – место викано Ливада и село Лењиште, во општина Долнени, кај селата Стровија и Долгаец, во општина Росоман: село Дебреште и во општина Кичево: село Душегубица.

Под контрола е ставен пожарот во општина Старо Нагоричане, кај село Канарево, каде што беше зафатена ниска вегетација.