Mакедонската Радио Телевизија најостро го осудува потегот на нашата евровизиска претставничка, Андреа Коевска, којашто за време на фотографирањето во Торино го фрли на земја државното знаме.

Од МРТ велат дека очекуваат Андреа да им се извини на граѓаните, а се разгледува и можноста за нејзино повлекување од Евровизија.

„Јавниот сервис ја разгледува можноста за нејзино повлекување од Евровизија, иако ќе се води сметка да не се предизвика поголема штета по МРТ. Против одговорните во македонската делегација ќе бидат преземени сите законски можности за најстрого санкционирање за овој скандал“, соопшти МРТ.

Коевска прво позираше со знамето, а потоа го фрли на земја за да се слика и без него на свеченото отворање на овогодинешното евровизиско издание, каде сите 40 натпреварувачи и нивните делегации, претставници на ЕБУ и РАИ беа пречекани на тиркизниот тепих.