Во пожар што избувнал рано утрово во деловно-станбена зграда на Пукет, популарен туристички остров на југот на Тајланд, загинале 11 лица, а 16 биле повредени, соопшти полицијата за новинската агенција Ројтерс.

Пожарот избувнал во зграда во која се наоѓа агенција за изнајмување возила, по што се проширил и на неколку соседни објекти.

Огнот избувнал околу 3:17 часот по локално време, а на пожарникарите им биле потребни околу два часа за да го стават под контрола, соопштија тајландските власти.

Меѓу повредените има 15 државјани на Тајланд и еден државјанин на Мјанмар. Според полицијата, меѓу загинатите и повредените нема туристи.

Причината за пожарот засега не е позната и е предмет на истрага.

Зградата се наоѓа во урбаниот дел на островот, недалеку од популарната плажа Патонг, на западниот брег на Пукет.

Пожарот се случил четири месеци по пожарот во еден бар во Бангкок, во кој загинале најмалку 27 лица.