Млад тракторист со трактор влегол директно во огнената линија за да помогне во спасувањето на селото Лознани во Пелагонија од големиот пожар што избувна синоќа. Александар Чепиговски од битолското село Ивањевци се вклучил во гаснењето и спречувањето на огнот да се прошири кон селото, информираше директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов. Во пожарот со изгореници бил повреден и еден човек.

„Да истакнам еден локален жител, храбар тракторист од село Ивањевци, Аце, кој со неговиот огромен трактор направи големо дело орајќи директно низ пожарната линија и гасејќи голем дел од пожарот кој загрозуваше еден дел од куќите во Лознани. Битката беше многу тешка“, рече Ангелов.

Пожарот од Лознани, кој се закануваше на населените места во регионот, синоќа беше ставен под контрола, а со навремената реакција на надлежните служби и со помошта од локалното население, куќите се спасени и нема уништени или оштетени семејни објекти.

Ангелов утрово посочи дека вчерашниот ден бил најтежок од аспект на пожари во населени места, бидејќи 40 биле на отворен простор, меѓу кои и два аларматни огнови.