Сведоци сме на најголемата измама која им се случила на граѓаните од општина Гази Баба наречена „Живот во Гази Баба, за сите!“, рече на денешната прес-конференција Бобан Стефковски од ВМРО-ДПМНЕ.
-Од општина со голем потенцијал за развој со сите специфики на просторот и ресурсите со кои ги располага, Борис Георгиевски и СДСМ ја претворија Гази Баба во паричка за поткусурување на бизнис и партиски интереси. Во предизборната програма на Борис Георгиевски од 2017-тата година тој напиша, цитирам: „Да не дозволиме стрелките на часовникот да продолжат да вртат назад“! После скоро четири години негов мандат како градоначалник времето во нашата општина се врати децении наназад. Гази Баба повеќе не личи на скопска општина, туку на зафрлена афричка населба препуштена на негрижа. Граѓаните беа прелажани и изманипулирани како никогаш до сега. Ќе започнам со една од најголемите лаги, а тоа е гасификацијата која амбициозно ја ветуваше. Градоначалниче, до која фаза е ветената гасификација? Ги нема ветените училишта во населбата Керамидница и новата училишна зграда на ОУ „Крсте Петков Мисирков“ во Ченто. Нема ништо од детските градинки во населбите Трубарево, Инџиково, Сингелиќ и Керамидница, ниту постапка, ниту проект, а не да зборуваме за реализација на градинките кои се од големо значење на овие населени места во општината. Ништо не видовме и од проектот за поликлиника во Автокоманда. Најзлобно и нечовечки е да ветуваш за здравје на човека, а да не му го исполниш. Еден од најгорливите проблеми за жителите на Автокоманда, Маџари и Ченто е паркирањето. Борче Георгиевски вети катни гаражи, но останаа само на хартија. Ниту катни гаражи, ниту пак нов паркинг простор во овие населби, истакна Стефковски.
Во 21 век, жителите на Брњарци, Булачани, Раштак Страчинци се уште немаат питка вода за пиење. Во општина во главниот град, населени места се уште имаат проблем со вода за пиење. Исто така, во неколку населени места во општина Гази Баба, а тоа се Црешево, Булачани, Раштак, Виниче, Колонија, Идризово, Дрма не е започната изградбата на фекални канализациони системи. И ова градоначалниче им го ветивте на жителите на овие населени места, потенцираше Стефковски.
-Младите не забораваат дека во вашата програма „За живот во Гази Баба“, на младите им ветивте отворен базен во Хиподром. За изградбата на ветените спортско- рекреативни центри, реновирање на домовите за култура, изградба на трговски центар, плоштади, детски катчиња, паркови и многу други проекти не станува ни збор бидејќи тие ваши ветувања ќе останат само лага напишана во вашата програма во 2017-тата година. Доказ за тоа е реализацијата на вашата програма која на истекот на четвртата година од мандатот изнесува загрижувачки 20-тина проценти. Четири години лаги и неработа на Георгиевски. Граѓаните добро знаат што и се случуваше на Гази Баба во овие четири години. Во нашата општина повеќе нема простор за манипулации и лажни ветувања од СДСМ, рече Стефковски.
Гази Баба мора засилено да се развива! Граѓаните заслужуваат одговорна локална самоуправа насочена кон решавање на нивните проблеми и потреби, додаде тој.