Пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Дафина Стојаноска, денеска упати остри критики по одлуката за затворање на обвинителската постапка за предметот „Мазут“, вреден 167 милиони евра. Според неа, овој потег е доказ за влијанието на политичките лидери Али Ахмети, Венко Филипче и Зоран Заев врз шефот на ОЈО ГОКК, Ислам Абази.

Стојаноска потсети дека пред една година истото обвинителство бараше притвор за осомничените поради ризик од бегство, за сега да одлучи дека нема основ за продолжување на случајот. Таа смета дека ваквата одлука се заснова на политички, а не на правни аргументи.

„Целата јавност во овој скандалозен случај, виде перење на пари, криминал и труење на животната средина, само Ислам Абази не виде ништо“, изјави Стојаноска.

Од партијата упатија три прашања до надлежните. Првото е до Башким Бесими од Советот на јавни обвинители, од кого бараат одговор зошто Советот не реагира на евидентното влијание во овој случај. Второто прашање е до обвинителката Катерина Коларевиќ.

„Обвинителката Катерина Коларевиќ да каже како има утврдено дека нема никаква штета во случајот вреден 167 милиони евра, кога целата јавност виде и слушна за финансиска и еколошка штета, за која и АД ЕСМ поднесе жалба до повисоките судски инстанци?“, запраша пратеничката.

На крајот, Стојаноска побара оставка од Ислам Абази, нарекувајќи го „џелат на правдата“ кој испорачува одлуки во полза на СДС и ДУИ.