Иницијативата „Еколошко востание“ поддржано од 40 организации денеска со протести ги блокираа патиштата низ Србија на 50 локации. Целта на новите блокади е дефинитивното протерување на Рио Тинто од земјата. Според организаторите ова е еколошки протест со политички барања, јави дописникот на МИА од Белград.

– Целта на новите блокади е дефинитивното протерување на Рио Тинто од Србија и носење закон за забрана за експлотација на литиум во Србија, а дотогаш нема да има мир. Многу се лаже и Александар Вучиќ и Рио Тинто ако мисли дека ќе застанеме само затоа што некој ги исполнил двете барања на двата закона. Нема мир додека Рио Тинто е во Србија. Србија да се труе не може. Тоа е основно. А натамошните чекори се градското собрание на Лозница да закаже седница на која Рио Тинто ќе се избрише од просторен план на овој град и сите ние тогаш ќе се упатиме во Лозница, изјави Александар Јовановиќ Чута, предводник на Еколошкото востание, кој додаде дека „Александар Вучиќ, Ана Брнабиќ и Зорана Михајловиќ не се во позиција да исполнуваат барања, туку да ги извршуваат врз основа на законот и Уставот“.

Централно место на протестот во Белград беше кај Сава центарот каде беше блокиран магистралниот пат Е 75, на кој се собраа повеќе илјади граѓани, а протестот се одржа истовремено и на 50 локации низ Србија.

– Сметам дека еколошкото движење е најзначајното што ни се случило во последно време. Луѓето се спротивставија и бараат да го заштитат својот живот и она што ги опкружува: водата, земјата, воздухот. Ова е еколошки протест, но и против Александар Вучиќ кој дозволи еколошки да влеземе во зоната на самракот. Тој ништо не направи, ја распродаде земјата, доведува валкани технологии. Тој е главниот виновник, но суштината на нашиот бунт е екологијата, изјави режисерот Горан Марковиќ.

На крајот од протестот во Белград се случи помал инцидент со тепачка меѓу граѓаните кои чекаа во своите автомобили и демонстрантите, а вакви инциденти имаше и во Ниш и во Нови Пазар.

Српскиот претседател Александар Вучиќ, кој се наоѓа во Ниш, коментирајќи ги еколошките протести и блокади, оцени дека се исполнети „сите желби и честитки“ на учесниците на протестите, дури и оние кои биле „политички хир“, додавајќи дека не сака денеска да зборува за овие протести.