Трет ден продолжува битката за гаснење на шумските пожари во западниот дел на областа Атика, поширокиот регион на Атина и во поширокото подрачје на Лутраки на Пелопонез, кои се уште не е ставени под контрола, јави дописничката на МИА од Атина.

Од пожарите уништени се домови и предизвикана е материјална штета, иако сè уште не е официјално познат обемот на штетата.

Портпаролот на противпожарната служба на Грција Василис Ватракојанис рано утрово информираше дека „сите сили на цивилната заштита се бореа во текот на ноќта и продолжуваат да дејствуваат на сите фронтови на пожарите“.

Во пожарот што во понеделникот започна од Дервенохорија, област на границата помеѓу регионите Виотија и Атика и се прошири во западниот дел на Атика, а сега е активен во Мандра на околу 40 километри од центарот на Атина, според Ватракојанис интервенираат копнени сили, а со разденувањето распоредени се пет авиони и осум хеликоптери, од кои еден за координација.

 

Воздушни средства, односно четири авиони и три хеликоптер, заедно со копнени сили го гаснат и пожарот кај Лутраки на Пелопонез, а во тој дел, акцентот е ставен и на жариштето во близина на рафинеријата.

Портпаролот на противпожарната служба на Грција објасни дека во гаснењето на пожарите помагаат и четири авиони од Италија и Франција кои вчера попладне пристигнаа во земјата.

 

Паралелно во Грција, од вчера попладне, активен е уште еден пожар, на островот Родос, меѓутоа, засега не претставува опасност за населените места.

Интервенираат 86 пожарникари со три пешадиски тима и 28 возила, три авиони и три хеликоптери.