Елса, првиот ураган во Атлантикот оваа сезона, е прва категорија од скалата Сафир-Симпсон од вкупно 5 и малку ослабна во текот на ноќта, со налети на ветер до 120 километри на час.
Во 8 часот беше јужно од островот Хиспаниола, на кој се наоѓаат Хаити и Доминиканска Република, и се движеше кон северозапад, соопшти американскиот Национален центар за урагани (НХЦ).
Според предвидувањата на НХЦ, Елса ќе стигне до јужниот брег на Хиспаниола и во текот на ноќта ќе ја погоди Јамајка, а утре делови од Куба.
Како што наведува НХЦ, ураганот до понеделник треба да помине преку Куба и да стигне до Флорида.
Ураганот може да го подигне нивото на морето за 1,5 метар во јужна Куба и околу 1,2 метри на брегот на Хиспаниола, а помалку од еден метар во Јамајка.
Властите во Хаити го зголемија нивото на тревога на црвено, максимумот за целата земја.
„Силните налети на ветрот достигнуваат од 118 до 130 километри на час, а можни се и силни поплави и свлечишта, особено на југот на земјата“, предупреди Цивилната заштита на Хаити.