Македонскиот репрезентативен голман, Столе Димитриевски беше еден од најзаслужните на теренот за победата на Валенсија на гостински терен против Атлетик Билбао.
Валенсија вчера славеше со 1:0 на „Сан Мамеш“, а Димитриевски блескаше на голот.
– Бодовите се многу важни, за нас секој натпревар е клучен. Дојдовме тука да се бориме, работевме напорно и успеавме да ја обезбедиме победата благодарение на трудот на сите. Целиот тим трчаше неуморно, беше дисциплиниран, ги следеше упатствата на тренерот и сите се издигнавме на висина на задачата за да го добиеме натпреварот. Знаеме колку е тежок овој терен, истакна Димитриевски на клупскиот сајт на Валенсија.
За неговите извонредни одбрани, Македонецот вели дека се резултат на работа со своите колеги во тимот.
– Со помош на сите голмани, со Маркос Абад и Андони Очоторена кои работат секој ден, се обидуваме да придонесеме и да помогнеме од голманската позиција за да освоиме бодови. Денес се случи тоа и мора да продолжиме да работиме како група голмани, што е одлично, и работиме многу добро за да бидеме на ниво на тимот, додаде Димитриевски.
Валенсија има 42 бода по 35 кола во Ла Лига и се наоѓа на 12. место.
