Министерот за локална самоуправа Иван Стоилковиќ објави дека е се вандализирани просториите на Културно-уметничкото друштво „Српски вез“, оценувајќи дека ваквите инциденти се последица на, како што наведе, континуирана ксенофобија и шовинизам во јавниот простор.

Во објава на својот профил на Фејсбук тој стави и видео-снимка од надзорни камери на која се гледаат двајца млади луѓе кои паркираат со црн автомобил пред центарот, излегуваат а потоа се прекачуваат преку оградата.

Според Стоилковиќ, во просториите каде што со фолклор се занимаваат повеќе од 200 деца биле предизвикани материјални оштетувања, а биле испишани и графити со натпис „УЧК“.

Тој истакна дека ваквото однесување претставува вандализам кој, според него, државата и јавноста треба најостро да го осудат и санкционираат.

Во својата реакција, Стоилковиќ оцени дека подолг период во јавноста е присутна атмосфера на нетрпеливост, која, според него, особено се интензивирала во последните две години. Најави дека за политиките кои, според него, придонесуваат за вакви појави ќе говори во друга прилика, додавајќи дека „никој нема да биде изоставен“.